Македонската фудбалска репрезентација до 17 години со 3-2 ја победи Унгарија во меч од воведното коло од првата квалификациска рунда за Европското првенство.
Македонските надежи се дел од Група 11 која се игра во Трабзон од 11 до 17 ноември, а покрај нас и Унгарија, во групата се домаќинот Турција и Сан Марино.
Херој на Македонија против Унгарија беше Стефан Ристиќ кој ги постигна сите три голови.
Противникот во 8. минута го отвори резутатот преку Арон Хорват. Нашата селекција имаше неколку солидни обиди во полувремето преку Полимац, Ристиќ и Крстевски, но не успеа да стигне до израмнување. Во продолжението, Унгарија веќе во 48. минута преку капитенот Тимот Фаркаш зголеми на 2:0, но Стефан Ристиќ во 55. минута даде гол за Македонија и ја врати неизвеснота во мечот. Во 66. минута обид за израмнување имаше и Велевски, а Ристиќ во 86. минута по додавање на Николов донесе израмнување. Стефан Ристиќ во четвртата минута од продолжението го даде својот трет гол за голема победа на Македонија.
Селекцијата предводена од Иљами Исејни сега има голема шанса за пласман во втората квалификациска рунда – Лига А за пласман на Европското првенство, во следното коло се соочуваме со Сан Марино, тој меч се игра на 14. ноември, а во последното коло играме против Турција на 17. ноември.
Првопласираните две репрезентации од секоја група се пласираат во втората квалификациска рунда – Лига А. Останатите репрезентации продолжуваат во Лига Б. Во втората рунда, напролет 2027 година, 28 репрезентации во Лига А ќе се борат за седумте места на завршниот турнир. Седумте победници на групите од Лига А ќе се пласираат на ЕУРО 2027, каде што домаќин е Летонија (24 мај – 6 јуни 2027).