Поранешниот германски репрезентативец Керем Демирбај верува дека тетоважата со картата на Турција била една од причините поради кои никогаш повеќе не добил повик во германската репрезентација. Фудбалерот, кој денес настапува за Касимпаша, открива дека неговата желба отсекогаш била да игра за Турција, па и денес жали што на крајот ја избрал Германија.
Демирбај, кој е роден во германскиот град Хертен, за германската селекција одигра само два натпревари, и тоа во 2017 година. Истата година настапуваше и на Купот на конфедерации во Русија, каде што постигна гол во победата од 3-1 против Камерун. Сепак, тврди дека токму тој период бил пресвртница во неговата репрезентативна кариера.
„Сакав да играм за Турција. Преговаравме со фудбалската асоцијација година и пол, но поради одредени работи за кои не можам да зборувам, морав да ја изберам Германија“, открива Демирбај.
Сепак, по тој период никогаш повеќе не добил повик, а смета дека причината била тетоважата со картата на Турција на неговиот грб.
„Тоа ја промени ситуацијата, вклучително и во медиумите. Како може еден играч да игра за Германија, а да има тетоважа со картата на друга земја? По тоа, никогаш повеќе не ме повикаа“, тврди Демирбај.
Така, и покрај настапите за Германија и голот против Камерун, Демирбај остана со само два репрезентативни настапи.