Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, проговори за конфликтот со Кристијано Роналдо, кој во 2022 година предизвика големо внимание во фудбалската јавност. Холандскиот стратег тврди дека морал да донесе тешки одлуки за да го зачува авторитетот и да ги наметне правилата во соблекувалната.
Тен Хаг во интервју за „Атлетик“ објасни дека, и покрај огромната почит кон португалската ѕвезда, неговиот однос кон обврските на тренинзите и недоволната физичка подготвеност биле меѓу главните причини за несогласувањата.
„Ме изневери и мене и тимот, бидејќи сметавме на него. Тој е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и исклучително го почитував, но морав да носам рационални одлуки. Отсуствуваше од некои тренинзи, а кога тренираше, не трчаше доволно и не го подигаше пулсот до потребното ниво. Се соочив со него поради тоа“, изјави Тен Хаг.
Холандскиот тренер посочи дека проблемот не бил само во дисциплината, туку и во начинот на кој Роналдо се подготвувал и се вклопувал во неговите тактички замисли. Според него, португалскиот ас не бил подготвен да ги исполни барањата што ги поставувал за играта на тимот.
„Не беше способен да се движи добро бидејќи не се подготвуваше како што треба. Не трчаше ниту со топката ниту без неа. Погрешно е да се прикажуваат работите како да очекував од него постојано да се исцрпува со висок пресинг. Им велеше на соиграчите да ги штедат нозете на тренинзите и имаше лошо влијание врз нив“, објасни поранешниот тренер на Ајакс.
Тен Хаг откри и дека сметал оти дел од играчите немале доволно силна посветеност кон фудбалот и клубот, додека во соблекувалната постоела борба за влијание.
„На некои фудбалери фудбалот не им беше најважната работа во животот, а на некои дури ни Јунајтед не им беше на прво место. Сметам дека тоа во клубот го донесе ‘мадридската врска’. Играчите имаа голема моќ и сакаа тие да одлучуваат. Раководството сакаше динамичен, напаѓачки фудбал, а тие сакаа да играат онака како што ним им одговара“, раскажа Холанѓанецот.
Роналдо го напушти Манчестер Јунајтед во ноември 2022 година, по вторпат во кариерата, откако неговиот однос со клубот и тренерот дополнително се влоши. Тен Хаг, пак, остана на клупата на „црвените ѓаволи“ до октомври 2024 година.