Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Ројстон Дренте, доживеал мозочен удар, објави неговиот сегашен клуб Де Ребелен.
Холанѓанецот моментално се наоѓа во болница, каде што лекарите будно ја следат неговата состојба и му ја обезбедуваат потребна медицинска грижа. Според првичните информации, 37-годишниот Дренте е во стабилна состојба.
Во текот на својата кариера, Дренте ги бранеше боите на неколку познати европски клубови, меѓу кои Феенорд, Реал Мадрид, Еркулес, Евертон, Шефилд Венсдеј и Спарта Ротердам. По повлекувањето од професионалниот фудбал во 2023 година, тој се приклучи на Де Ребелен кој е тим составен од ветерани на холандскиот фудбал.
Иако изгради одлична кариера, Дренте остана запаметен и како еден од неуспешните трансфери на Реал Мадрид. Пристигна во 2007 година со големи очекувања, но не успеа да се наметне во составот на „кралскиот клуб“. Подоцна, во времето на Жозе Мурињо беше отстранет од тимот, што го означи почетокот на падот на неговата кариера.