Александар Станојевиќ ќе биде именуван за нов тренер на Партизан, дознава „Спорт клуб“. Наскоро се очекува веста да биде официјализирана и од страна на белградскиот клуб.
Ова ќе биде четврти пат Станојевиќ да седне на клупата на „црно-белите“. На позицијата шеф на стручниот штаб ќе го наследи Саша Илиќ, кој поднесе оставка по поразот од ОФК Белград.
Најуспешен беше неговиот прв мандат, од 2010 до 2012 година. Во тој период освои две шампионски титули во Србија и еден куп-трофеј. На тренерската позиција во Партизан се врати и во периодот од 2020 до 2022 година, додека неговиот последен мандат, во 2024 година, беше најмалку успешен.
По заминувањето од Партизан, Станојевиќ работеше во турски Караѓумрук, кој во моментов се натпреварува во втората турска лига. Пред да го потврди ангажманот на Станојевиќ, Партизан му се заблагодари на Саша Илиќ за досегашната работа.