Аргентинскиот фудбалер Нико Паз и следната сезона ќе го носи дресот на Комо, потврди Реал Мадрид.
Во соопштението на „кралскиот клуб“ се наведува дека Реал, Комо и самиот Паз постигнале договор 21-годишниот фудбалер да остане во италијанскиот тим и во наредната сезона.
Паз во 2024 година пристигна во Комо од Реал Мадрид, но шпанскиот гигант при трансферот задржа можност повторно да го врати младиот талент во своите редови.
„По многу недели размислување, одлучив дека најдобрата опција за мојата кариера во овој момент е да останам уште една година во Комо. Тоа е клубот кој ми даде можност да растам и да станам играч каков што сум денес. Верувам дека ова е најдобрата одлука и за мене и за Реал, бидејќи оваа сезона е многу важна фаза од мојата кариера и одлична можност да продолжам да напредувам и најдобро да се подготвам за иднината“, изјави Паз.
Аргентинецот зад себе има одлична сезона во Комо. Минатата година одигра 40 натпревари и постигна 13 голови, со што го привлече вниманието на европската фудбалска јавност.