Во првиот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство, репрезентацијата на Македонија освои бод откако на мечот во Турново играше без погодоци против Северна Ирска.
Избраниците на селекторот Димитар Капинковски имаа можност да стигнат и до трите бода, но и гостите беа во позиција, особено во финишот да дојдат до победа.
Најсериозната шанса за гол сепак ја имаа фудбалерите на Северна Ирска кои во 84. минута ја погодија пречката од голот на Александар Трајков, а ударот го упати Калум Томпсон.
Македонските репрезентативци можеа да стигнат до погодок во првото полувреме кога Дитмир Хоџа по уфрлувањето од аголот не ја зафати најдобро топката, а во продолжението нашата селекција имаше обиди преку Мухамед Куртиши и Иван Танчев.
Турнирот продолжува в сабота кога Македонија исто така во Турново се среќава со Швајцарија, а почетокот на натпреварот е закажан за 13 часот.