Атлетико Мадрид потврди дека ќе испрати официјална жалба до ФИФА за однесувањето на Барселона која на нелегален начин се обидува да го реализира трансферот на Хулијан Алварез.
Спротивно на правилата на ФИФА, Барселона веќе разговарала со Хулијан Алварез иако тој има договор со Атлетико Мадрид.
Аргентинскиот фудбалер јавно кажа дека сака да замине од Атлетико Мадрид и да си го оствари сонот, а се смета дека и тоа е дел од планот на Барселона за создавање на притисок за реализација на трансферот.
„Барселона не почитува и верува дека можe да нè омаловажува. Чувствувам голема тага поради изјавите на Хулијан Алварез. Не беше вистинскиот ден да ги дадe тие изјави, тоа беше ден на Меси и на аргентинската репрезентација, не само на Хулијан. Минатата година, Барселона направи нешто многу слично со Нико Вилијамс и Атлетик Билбао. Хулијан има сон, а и ние во Атлетико имаме соништа. Вистина е дека тој разговараше со нас, но подеднакво е вистина дека тој добро ја знае нашата позиција, бидејќи бевме многу јасни: Атлетико не сака да го продаде. Тој е одличен играч и ние сме многу горди што го имаме со нас“, вели извршниот директор на Атлетико Мадрид, Мигуел Анхел Хил.
„Барселона се обидува да ги убеди сите дека се способни да склучат договор што всушност немаат вистинска способност да го спроведат. Ова не е прв пат Барселона да се однесува на овој начин, а фудбалскиот свет го знае тоа исто така. Наша одговорност е да ги браниме интересите на Атлетико и затоа ќе поднесеме жалба до ФИФА против Барселона за преговори со играч под активен договор за време на заштитениот период“, потврди тој.