Мануел Нојер најави крај на репрезентативниот пат по завршувањето на Светското првенство, со што ќе се спушти завесата на една од најуспешните кариери во историјата на германскиот фудбал.
Иако не настапи во квалификациите, ветеранот реши да се врати во составот на Германија и да помогне на мундијалот. По првиот настап на турнирот, Нојер откри дека нема намера да остане дел од националниот тим и по 2026 година.
„Сакам да уживам во секој натпревар и да не размислувам дали некој меч ќе биде мој последен“, порача искусниот голман.
Нојер објасни дека одлуката за враќање била мотивирана од амбицијата за нов голем успех со Германија. Тој верува дека репрезентацијата има капацитет да се бори за светскиот трон, а токму таа можност била доволна причина повторно да застане меѓу стативите.