Во јули светот на фудбалот беше потресен од трагичната вест кога Диого Жота, напаѓачот на Ливерпул, и неговиот брат Андреа Силва загинаа во сообраќајна несреќа во Шпанија. Загубата остави длабока празнина, а Жота зад себе остави сопруга и три деца.
Неколку месеци по трагедијата, Ливерпул покажа голема човечност и го испочитува својот дел од договорот. Клубот му ја исплати на семејството на Жота целосната плата што му следуваше до крајот на договорот, во износ што се проценува на околу 10 милиони фунти.
„За нас беше важно веднаш да стапиме во контакт со неговата сопруга и да покажеме дека сме семејство. Сакавме да се увериме дека таа и децата се финансиски згрижени“, изјави претседателот на Фенвеј Спортс Груп, Том Вернер.
Покрај оваа поддршка, Ливерпул направи и уште еден голем гест – бројот 20, кој Жота го носеше, е повлечен од сите тимови во клубот, а симболично е вметнат и во комплетот дресови за оваа сезона во негова чест.