Веќе ништо не е свето, европските фудбалски фанови уште ја процесираат информацијата дека мечот од Ла Лига меѓу Виљареал и Барселона ќе се игра во Мајами, а сега стигнува информација за иста ситуација и во Серија А.
Раководството на Серија А има идеја меч од регуларниот дел на сезоната да се одигра во Австралија. Се работи за дуелот меѓу Милан и Комо кој на програмата е во февруари.
„Во моментов се е само идеја и нема никакви активности бидејќи очекуваме дозвола од УЕФА, а се надеваме дека таа ќе стигне до крајот на септември. Нема место за критики затоа што станува збор за само еден од вкупно 380 натпревари колку што се играат во текот на сезоната. Знам дека патот дотаму не е лесен, но исто така некои фанови ќе ја искористат можноста да ја посетат Австралија првпат во животот. Таму имаме голема база италијански навивачи и симпатизери на Серија А и затоа сакаме да се претставиме пред нив“, вели претседателот на Серија А, Еѕио Симонели.
Ако се биде според плановите, натпреварот би се играл во Перт. Тоа ќе биде прв меч од Серија А што ќе се игра надвор од Италија, но не и прв меч од италијанскиот фудбал бидејќи неколку години Суперкупот се одржува во Саудиска Арабија, а порано и во САД, Кина, Либија и Катар.
Играњето надвор од земјите од каде што се екипите е непочитување на фановите со сезонски билети, а една од екипите свесно се откажува од меч на домашен терен. Доколку почне ваквата пракса која е најавена, се очекува и многу повеќе натпревари да се играат надвор од Европа.