Македонската фудбалска репрезентација утре со почеток од 20:45 часот игра на гостински терен кај Шкотска во меч од Лигата на нации.
Македонија е во очајна форма, реди порази, не може да постигне гол, но селекторот Гоце Седлоски се надева дека тоа може да биде прекинато токму во Шкотска.
„Следниот меч е голем меч, со една силна Шкотска. Знаеме со какви играчи располага. Игравме пред еден месец со овој ривал во Скопје и успеа да не победи. Свесни сме за грешките и мора да ги поправиме. Во изминатите три дена трениравме, имаме одлична атмосфера. Играчите се фокусирани и мотивирани. Се надевам дека она што го работевме ќе го покажат и на теренот. Сакам да видам верба, тактички добро да стоиме и да одиграме добар натпревар. Резултатите се такви какви што се, свесни сме и ние и играчите, но се надевам дека со мечот против Шкотска ќе излеземе од негативната серија. Против себе ќе имаме силен ривал, кој го доби Мектоминеј како повратник. Мора да играме храбро, играчите да уживаат и да не се плашиме. Драго ми е што сите репрезентативци добиваат минутажа во клубовите и се надевам дека ќе продолжат и понатаму така“, изјави Седлоски.