Зад нас е историско издание на Лигата на шампионите – останува само да дознаеме кој ќе го подигне престижниот трофеј на крајот! Во премиерната сезона по новиот формат, дури 36 екипи од цела Европа (освен Русија) се најдоа во трката за највредниот клупски трофеј.
Иако многумина беа скептични околу реформата, новиот систем покажа дека УЕФА не згреши – добивме интересна, динамична и драматична сезона од првиот до последниот меч. Борбата за влез во плеј-офот, па потоа осминафиналето и четвртфиналните трилери остануваат во историјата – меѓу нив и спектаклите Атлетико – Реал, како и двомечот Интер – Барселона со дури 13 гола и неколку пресврти!
Каде и кога се игра финалето?
На чекор до европската слава се Интер и Пари Сен Жермен, а финалето ќе се игра на 31 мај на Алијанц арената во Минхен – домот на Баерн кој собира 70.000 гледачи.
Ова ќе биде вторпат овој стадион да биде домаќин на финале од ЛШ – првиот беше во 2012, кога Дидие Дрогба со гол со глава му ја донесе првата титула на Челси во дуел против Баерн.
Колку заработуваат финалистите?
И двата тима веќе обезбедија по 18,5 милиони евра за пласман во финалето, а победникот ќе добие дополнителни 10,5 милиони евра – од кои 6,5 за титулата, и уште 4 милиони за настапот во Суперкупот на УЕФА, кој ќе се игра на 23 мај во Билбао против победникот на Лига Европа. Досега сезонава, ПСЖ инкасирал 137,92 милиони евра од УЕФА, а Интер 136,63 милиони евра.
Кој е фаворит?
Кладилниците му даваат мала предност на ПСЖ – квотите се околу 2 за Французите и 2,40 за Интер.
И Elo рејтингот оди во сличен правец: 53% шанси за ПСЖ, 47% за Интер – што укажува на исклучително израмнето финале.
Кој има поголема традиција во ЛШ?
Интер е далеку поискусен клуб во елитата – три пати бил европски првак (1964, 1965 и 2010), а исто толку пати губел во финалето (1967, 1972 и 2023). ПСЖ, пак, досега има само едно финале – во 2020, кога загуби од Баерн во специфичното „ковид финале“.
Дали веќе играле меѓу себе?
Официјално – не! Ова ќе биде прв меѓусебен дуел во европските натпреварувања.
Во пријателски мечеви досега имаат пет средби – ПСЖ има три победи, Интер две. Последната средба била во 2019, кога Интер славел по пенали.