Тренерот на Барселона, Ханси Флик е свесен дека последната линија не е на потребното ниво, па од раководството побарал ангажман на централен дефанзивец во јануарскиот преоден рок.
Поразите од ПСЖ и Реал Мадрид ги потврдија сомнежите што подолго време ги имаа каталонските медиуми и навивачите на Барселона, одбраната е една од најслабите точки на тимот, и во моментов не делува доволно сигурно за да може рамноправно да се носи со најдобрите европски екипи.
За ова е свесен и самиот Ханси Флик, а како што пренесува весникот „Спорт“, тренерот побарал од раководството ангажман на централен дефанзивец во јануарскиот преоден рок, германскиот стратег на ум веќе има едно име, Фин Јелч од редовите на Штутгарт.
Извештаите на скаутите се особено позитивни, и тие ја потврдуваат интуицијата на Ханси Флик за придобивките што овој фудбалер би ги донел во последната линија.
Дефанзивецот е добар во додавањата, многу интелигентен во читањето на играта и предвидувањето на потезите на противниците, а истовремено е и цврст во дуелите.
Проблем е тоа што неговата почетна цена е 50 милиони евра, а името на Фин Јелч исто така се наоѓа и во бележниците на многу други клубови, меѓу кои и Реал Мадрид.
Финансиската состојба на Барселона е подобра отколку во изминатите години, но таа и понатаму е комплицирана, па „каталонците“ ќе мора да продадат некого за да отворат простор за една ваква зделка.