Поранешниот селектор на Франција, Дидие Дешан, се најде на потесниот список на Јувентус за наследник на Лучано Спалети, чија позиција сериозно е разнишана по поразот од Џенова, пишува торинскиот весник „Ла Стампа“.
Јувентус загуби од Џенова со 2-0 и по девет кола се наоѓа дури на осмото место на табелата во Серија А. Според „Ла Стампа“, позицијата на Спалети е сериозно ослабена, па челниците на клубот веќе почнале да бараат негова замена. Истиот весник наведува дека Јувентус веќе стапил во контакт со Дешан кој е без ангажман откако по Светското првенство во 2026 година ја напушти селекторската функција во француската репрезентација. Според „Ла Стампа“, Дешан преку посредници порачал дека е достапен за нов предизвик.
Покрај него, италијанските медиуми ги споменуваат и Стефано Пиоли и Антонио Конте. „Ла Република“ пишува дека Конте претпочита да почека и да види како ќе се развива ситуацијата во Манчестер Јунајтед. Јувентус во недела на стадионот „Алијанц“ го пречекува Наполи, а тој натпревар би можел да биде пресуден за иднината на Спалети. Искусниот италијански стратег е тренер на „старата дама“ од октомври 2025 година, кога го наследи Игор Тудор.
Дешан одлично го познава Јувентус. Како фудбалер настапуваше за торинскиот клуб од 1994 до 1999 година, период во кој ја освои Лигата на шампионите во 1996 година, како и три титули во италијанското првенство. На клупата на Јувентус седна во 2006 година, откако клубот поради скандалот „Калчополи“ беше исфрлен во Серија Б. Дешан уште во првата сезона успеа да го врати клубот во елитниот ранг на италијанскиот фудбал.