Временските услови би можеле сериозно да влијаат на дуелот меѓу Португалија и Хрватска во шеснаестинафиналето на Светското првенство, кој ноќва од 01:00 часот ќе се игра во Торонто.
Метеоролозите најавуваат вистински топлотен бран, со температура од околу 32 степени, додека поради високата влажност играчите ќе имаат чувство дека настапуваат на дури 42 степени.
Освен жештината, проблем може да создадат и грмежите, поради кои е издадено жолто предупредување. Правилникот на ФИФА предвидува натпреварот веднаш да биде прекинат доколку невремето се доближи на помалку од 13 километри од стадионот, а играта ќе продолжи дури кога условите повторно ќе бидат безбедни.
Светската куќа на фудбалот веќе воведе посебен протокол за вакви ситуации. На сите отворени стадиони репрезентациите располагаат со климатизирани клупи, дополнителни резерви на вода и електролити, мраз, разладени пешкири, вентилатори и системи за распрскување вода, со цел полесно да се издржат екстремно високите температури.