Почина една од најголемите легенди на Интер

by riste
1 минути читање

На 83-годишна возраст почина една од најголемите легенди на Интер и на светскиот фудбал, Сандро Мацола.

Мацола важи за еден од најголемите фудбалери во историјата на Интер, тој играл во црно-синиот дрес од 1961 до 1977 година. Според официјалните податоци постигнал 161 гол на 566 натпревари.

Со Интер освои четири титули во Серија А, две Купа на европските шампиони и два Интерконтинентални купа. Посебно место во неговата кариера има финалето на Купот на европските шампиони во 1964 година, кога Интер го совлада Реал Мадрид со 3-1 во Виена, а Мацола постигна два гола.

Во сезоната 1964/65 беше најдобар стрелец во Серија А со 17 голови, додека во 1964 година го освои и голгетерскиот трофеј во Купот на европските шампиони со седум погодоци. Во 1971 година заврши на второто место во изборот за „Златната топка“, зад Јохан Кројф.

Мацола го носеше и дресот на Италија за која одигра 70 меча и постигна 22 гола. Беше и дел од тимот кој го освои Европското првенство во 1968 година.

Важен дел од неговата животна приказна е неговиот татко, Валентино Мацола кој беше капитен на големиот Торино, тој загина во трагедијата во Суперга во 1949 година, кога Сандро имал само шест години. Подоцна самиот Сандро Мацола изгради своја кариера и стана легенда.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×