На денешната прес конференција Мурињо распали по новинарите, вели дека тоа што се пишува е голема лага. Португалецот беше запрашан дали има проблем меѓу него и Погба, а тогаш тој распали:
„Пишувате многу шпекулации, а тоа значи дека треба да пишувате и многу лаги. Погба прифаќа дека не игра добро овој период, и тоа е се. Грото од работите кои можете да ги прочитате и да ги слушнете не се објективни, тие се лаги. Голема лага е тоа дека нашиот однос не е добар, дека не комуницираме, дека не се согласуваме со неговата позиција и со неговите движења во динамиката на тимот, па бидете објективни и кажете го она што сите го знаеме“, вели Мурињо.
„Во последните неколку натпревари тој не играше добро. Период. Крај на приказната. Сега мој проблем и на Погба е да ги подобриме неговите перформанси, вие не треба да лажете“.
Мурињо вели дека Погба против Њукасл играл на неговата омилена позиција и уште еднаш силно распали по новинарите.
„Муабетите за позицијата се смешни. Би сакал да ми кажете на која позиција играше Погба против Њукасл. Кој од вас сака да ми каже? Игравме со Матиќ како шестка, Лингард на десната страна, Погба беше лево. Знате кој систем го преферира Погба? 4-3-3. Знаете која е омилена позиција на Погба во 4-3-3? Осмица или лево“.
„Па лесно и искрено и објективно е да кажете дека Пол не одигра добро против Њукасл, но не дозволувајте луѓето да читаат нешто што не е вистина, платени сте да ја читате играта и да ја објасните, а не да зборувате глупости“.