Бизарна сцена: Голман во Боливија одби да брани пенал (ВИДЕО)

by Стефан
1 минути читање

Неверојатна сцена се случи на натпреварот од Купот на Боливија меѓу Атлетико Индепендиенте од Кочабамба и Вилстерман Кооператива.

Во финишот на мечот резултатот беше 2-2, а домашниот состав тргна во напад. Голманот на гостите, Аргентинецот Густаво Тесоноте, во само една акција успеа дури трипати одлично да интервенира и да го спаси својот тим.

Сепак, наместо играта да продолжи, судијата Карлос Артеага покажа на белата точка и досуди пенал за Индепендиенте.

Следуваше вистински хаос на теренот. Гостинските фудбалери речиси 20 минути протестираа и се обидуваа да го убедат судијата дека донел погрешна одлука. Артеага, сепак, остана на својата проценка и не ја промени одлуката.

Тогаш голманот Тесоноте реши да преземе необичен потег. Наместо да застане на гол-линијата и да го брани ударот, прво се сврте со грбот кон теренот, а потоа се потпре на стативата и едноставно го следеше развојот на ситуацијата. Ернест Адири го изведе пеналот и ја затресе мрежата.

По натпреварот се огласи Фудбалскиот сојуз на Боливија, кој утврди дека немало основа за досудување најстрога казна. Судијата Артеага поради спорната одлука беше суспендиран, па на крајот се покажа дека протестот на гостинскиот голман и неговите соиграчи бил оправдан.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×