Поранешниот француски репрезентативец и фудбалер на ПСЖ, Жером Ротен, ја разбранува јавноста откако во својата емисија „Rothen S’enflamme“ на „РМЦ Спорт“ остро го критикуваше најголемото име на францускиот фудбал, Килијан Мбапе.
Без никакво двоумење, тој го обвини Мбапе и неговиот најблизок круг луѓе дека вршат притисок и се обидуваат да го режираат исходот од изборот за најдобар фудбалер во светот.
„Ако Мбапе ја освои Златната топка, тоа ќе биде смешно и тој ќе остане целосно сам! Не знам дали воопшто сфаќате што се случува – тој во моментов се обидува да купува гласови за Златната топка за да дојде до тој трофеј“, изјави видно изнервираниот Ротен.
Тој нагласи дека евентуалните последици или притисоци нема да го замолчат.
„Ќе внимавам што зборувам бидејќи моите изјави секогаш предизвикуваат реакции, но никој нема да ми ја затвори устата. Ако ја освои наградата, тоа ќе биде чиста фарса и на сите ќе им биде јасно. Овде не зборуваме само ние, поранешните играчи, туку разговараме и меѓусебно. И верувајте ми, сите го мислиме истото за него и тоа не само просечните фудбалери, туку и најголемите“, додаде тој.
На крајот, Ротен заклучи дека, според него, скандалозната кампања околу напаѓачот станала премногу очигледна.
„Сега имаме и официјална потврда дека постои агресивна кампања од негова страна и од луѓето од неговото опкружување. За нив стана прашање на живот или смрт Килијан да го освои тој трофеј. Но, дури и ако го освои на ваков начин, мислам дека ќе остане многу осамен во светот на фудбалот“, порача Ротен.
Да потсетиме, доделувањето на Златната топка ќе се одржи на 26 октомври во Лондон.