Фудбалерите на Барселона и Интер одиграа нерешени 3-3 во првото полуфинале на Лигата на шампионите.
Спектакуларниот меч на Монжиук понуди шест погодоци, а имаше и седми кој не важеше. Тоа ќе беше гол на Хенрик Михтарјан за победа и 3-4. Сепак, ерменскиот фудбалер беше за милиметри во офсајд позиција.
Технологијата за полуавтоматски офсајд даде кадар кој покажува дека Михтарјан беше во недозволена позиција само со врвот на копачката. По натпреварот тој даде интересна изјава, посочувајќи дека овој момент ќе го памети до крајот на животот.
„Офсајд од два или три сантиметри, поништен гол со кој ќе поведевме во клучниот момент… тоа е нешто за што ќе размислувам додека сум жив. Сепак, мораме да останеме со кренати глави, да размислуваме за реваншот и да се надеваме дека ќе играме добро како и на овој прв натпревар. Изморени сме, патиме што не победивме, но веруваме дека на реваншот можеме да бидеме упште подобри. Барселона е многу силна екипа, но истото може да се каже и за Интер“, изјави Михтарјан.