Финалето на Лигата на шампионите оваа сезона ќе се одигра на 31 мај на „Алијанц Арена“ во Минхен, каде за трофејот ќе се борат Интер и Пари Сен Жермен. Ова ќе биде петти пат Минхен да биде домаќин на најголемото европско финале, а историјата вели дека секој пат досега, победникот на минхенското финале славел своја прва титула во елитното натпреварување.
Првиот таков случај беше во 1979 година, кога Нотингем Форест го совлада Малме со 1-0 на Олимпискиот стадион и стана европски првак по прв пат. Францускиот Марсеј го следеше истиот пат во сезоната 1992/93, победувајќи го Милан со ист резултат за својата прва титула, повторно во Минхен.
Во 1997 година, Борусија Дортмунд се закити со својата прва круна, славејќи над Јувентус со 3-1, а последното финале во германскиот град се одигра во 2012 година на истата арена каде што ќе се игра и сега – „Алијанц“. Тогаш Челси, предводен од Дидие Дрогба, го совлада Баерн Минхен по пенали и ја освои својата прва титула.
Ако се суди по традицијата, Пари Сен Жермен има причини за оптимизам – досега секој што победил во Минхен станал европски првак по прв пат. Французите имаат едно изгубено финале во 2020 година, додека Интер веќе има три титули, последната во 2010 година, и уште три порази во финалиња.