Аргентина и Шпанија вечерва ќе се борат за светската титула во големото финале на Мундијалот. Двете најдоброрангирани селекции во светот според рејтингот на ФИФА ќе ги одмерат силите од 21:00 часот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси.
Ова ќе биде историско финале, бидејќи за првпат на завршниот натпревар на Светското првенство ќе се сретнат актуелните шампиони на Европа и Јужна Америка.
Селекторите веќе ги објавија почетните состави, а во првите 11 на Шпанија очекувано се најде и Ламин Јамал, кој вечерва ќе испише нова страница во историјата на фудбалот.
Младата шпанска ѕвезда со 19 години ќе стане првиот фудбалер кој настапил и во финале на Европско првенство и во финале на Светско првенство додека сè уште бил тинејџер.
Јамал ќе влезе и во друштвото на најмладите фудбалери кои играле во финале на Мундијал. Со 19 години и шест дена, тој ќе биде трет на вечната листа, зад легендарниот Пеле, кој во 1958 година финалето го играше со само 17 години и 249 дена, и Џузепе Бергоми, кој во 1982 година настапи во финалето со 18 години и 201 ден.