Четвртолигашот Сестао приреди големо изненадување во Шпанскиот куп, откако по вистинска фудбалска драма и продолженија го совлада Еспањол со 4-3 и обезбеди пласман во следната фаза.
Каталонскиот тим прв дојде до предност преку Маркос Фернандез Санчез, кој погоди уште во шестата минута. Сепак, домашните не се откажаа, па со головите на Адри Карион и Андони Угарте направија пресврт за водство од 2-1.
Кога се чинеше дека Сестао ќе ја зачува предноста, Роберто Фернандез во 90. минута ја затресе мрежата за 2-2 и го однесе натпреварот во продолженија.
Возбудувањата продолжија и во дополнителните 30 минути. Габриел Москардо во 96. минута му донесе ново водство на Еспањол од 3-2, но радоста на гостите траеше кратко. Само две минути подоцна, Лака израмни на 3-3 и ја врати неизвесноста.
Кога се очекуваше пенал-рулетот да го реши победникот, Јон Ројо во 121. минута го постигна решавачкиот гол за конечни 4-3, предизвикувајќи големо славје во таборот на Сестао и приредувајќи една од најголемите сензации во ова издание на Шпанскиот куп.