Манчестер Сити со 2-1 го доби големото градско дерби и направи речиси недостижна предноста на врвот иако е само декември. Но, од мечот многу повеќе ќе се памети инцидентот кој се случил по натпреварот отколку резултатот и играта на двата тима.
Шпанскиот весник „Спорт“ тврди дека ги има деталите за целиот инцидент и детално ја раскажува случката.
Фудбалерите на Манчестер Сити биле во својата соблекувална, со гласна музика ја славеле големата победа. На Мурињо не му се допаднало тоа, па влегол во нивната соблекувална и се развикал: „Кој мислите дека сте вие? Покажете малку почит“. Едерсон бил најблиску до вратата и му се спротивставил на Мурињо, по што стратегот на Јунајтед го турнал голманот и тоа било главната причина за почеток на тепачката.
Откако Мурињо го турнал Едерсон, „билдерите“ на Манчестер Сити, Компани и Фернандињо се стрчале да го одбранат нивниот голман. Членови на стручните штабови на Јунајтед и Сити се приклучиле во мешаницата и почнале да летаат шишиња со вода и енергетски пијалоци кои биле во соблекувалната. Околу 15 лица биле инволвирани од кои најдебелиот крај го извлекол Микел Артета. Асистентот на Гвардиола бил погоден со шише во аркадата која пукнала и почнала да лие крв. Шише во главата добил и физиотерапевтот на Сити кој бил погоден од Ромелу Лукаку. Официјалните лица на Јунајтед демантираат дека било кој од нивните фудбалери бил вклучен во тепачката, но „Спорт“ тврди дека белгискиот напаѓач фрлил со шише.
Полицијата брзо реагирала и ги одвоила завојуваните страни. Пеп Гвардиола бил отсутен за време на инцидентот. Зборувал на телефон додека траеле нередите. За ситуацијата станал свесен откако ги видел повредените лица од неговиот стручен штаб.
Мурињо и Гвардиола потоа се појавиле на редовната прес конференција, но ниту еден од нив не ја спомнал тепачката. Информациите за инцидентот во медиумите се појавија дури три часа по натпреварот.