Белгиската фудбалска асоцијација жестоко реагираше по одлуката на ФИФА да ја укине суспензијата на Балогун, кој ќе може да настапи на осминафиналниот натпревар меѓу САД и Белгија на Светското првенство.
Балогун требаше да го пропушти дуелот поради црвениот картон што го доби, но ФИФА донесе одлука да му дозволи настап. Дополнителни реакции предизвика и информацијата на новинарот Бен Џејкобс дека пред укинувањето на суспензијата реагирала и Белата куќа.
Белгискиот сојуз со официјално соопштение порача дека е изненаден од потегот на светската куќа на фудбалот и најави дека ги разгледува сите правни можности.
„Белгиската фудбалска асоцијација (РБФА) е изненадена од одлуката на ФИФА да го прогласи суспендираниот американски репрезентативец Фоларин Балогун за играч кој има право на настап на натпреварот меѓу САД и Белгија, кој ќе се одигра во понеделник, 6 јули, со почеток во 17:00 часот по локално време во Сиетл. ФИФА својата одлука ја темели на член 27 од Дисциплинскиот правилник на организацијата. Според оваа одредба, Дисциплинската комисија на ФИФА може да одлучи да го одложи извршувањето на претходно изречена дисциплинска санкција.
Сепак, член 66.4 од истиот Дисциплински правилник јасно предвидува дека црвен картон (исклучување) автоматски носи суспензија за следниот натпревар на репрезентацијата, што досега беше практика за сите црвени картони покажани на ова Светско првенство.
Покрај тоа, независно од наведеното, оваа одлука е во директна спротивност со одредбите од Правилникот за натпреварување на Светското првенство 2026, поточно член 10.5, каде што стои:
Доколку играч или член на стручниот штаб биде исклучен поради директен црвен картон или поради втор жолт картон (индиректен црвен картон), тој автоматски ќе биде суспендиран за следниот натпревар на својата репрезентација. Покрај тоа, можат да бидат изречени и дополнителни дисциплински мерки.
Автоматската природа на оваа суспензија беше експлицитно потврдена од ФИФА за Светското првенство 2026, која беше доставена до сите национални фудбалски асоцијации учеснички на 12 мај 2026 година. Истото правило се повторува и на секој координативен состанок пред натпреварите на Светското првенство 2026, а е вклучено и во сите презентации и работилници организирани од ФИФА за турнирот. Со цел да ги заштити легитимните права на сите репрезентации учеснички и да ги зачува основните принципи на фер-плејот, како на ова Светско првенство така и на идните изданија на турнирот, Белгиската фудбалска асоцијација информира дека ги разгледува сите можни правни и дисциплински опции“, се вели во соопштението.