Генералниот извршен директор на Атлетико Мадрид, Мигел Анхел Хил Марин вели дека ќе поднесат тужба против Барселона за недозволен контакт со Хулијан Алварез.
Со месеци се пишува дека Барселона го идентификувала Хулијан Алварез како наследник на Роберт Левандовски и топ засилување за нападот, но Атлетико одбива да го продаде напаѓачот, а ниту пак „каталонците“ можат да понудат 150 милиони евра, како што тоа го направи Реал Мадрид.
И како во многу други вакви ситуации, Жоан Лапорта и Деко играа на картата дека Хулијан Алварез јавно ќе побара трансфер, и ќе го поткопа цврстиот став на Атлетико.
Тоа се случи по вчерашниот натпревар на Аргентина против Австрија на Светското првенство, напаѓачот се појави пред микрофоните и порача дека сака да ја промени средината.
Но ова само дополнително го налути Атлетико, клубот од „Метрополитано“ вечера соопшти дека ќе поднесе тужба против Барселона за недозволен контакт.
„Жалам за тие изјави. Тоа не беше моментот за такво нешто – денот му припаѓаше на Меси и на аргентинската репрезентација, а не на Хулијан“ – порача генералниот извршен директор Мигел Анхел Хил Марин.
„Хулијан има свој сон, но и ние имаме. Разговаравме со него и нашата позиција е кристално јасна, немаме намера да го продаваме. Станува збор за фантастичен фудбалер и горди сме што е дел од Атлетико“.
Директорот на Атлетико потоа упати жестоки критики кон Барселона.
„Барселона покажува целосно непочитување кон Атлетико, мислат дека можат да не омаловажуваат. Се однесуваат како да сме наивни и глупи, и како да можат да прават што сакаат. Ги доведуваат во заблуда сите – клубот, играчот, медиумите, па дури и сопствените навивачи. Сакаат да создадат впечаток дека можат да реализираат трансфер кој реално не можат да си го дозволат. Ова не е првпат да го прават. Минатата година имавме слична ситуација со Нико Вилијамс и Атлетик Билбао.“
На крајот, Хил Марин најави и конкретен чекор против каталонскиот клуб и поднесување на жалба до ФИФА.
„Наша должност е да ги заштитиме интересите на Атлетико Мадрид. Затоа ќе поднесеме пријава до ФИФА против Барселона поради недозволени контакти и преговори со играч кој има важечки договор со нашиот клуб.“