Од таборот на ПСЖ ги демантираат гласините дека била доставена рекордна понуда од 250 милиони евра за ангажман на Ламин Јамал од Барселона.
Изминатиов период, луѓе од Барселона во неколку наврати гордо кажуваа како одбиле луда сума за трансфер на Ламин Јамал, кој блесна на фудбалската сцена со само 16 години.
ПСЖ секогаш се посочуваше како клубот кој доставил понуда, на оваа тема говореше и Енрик Масип, кој е советник на претседателот Жоан Лапорта.
Во емисијата „Ел Чирингито“, тој рече: „Претседателот веќе кажа дека пристигна понуда од 250 милиони евра и предлогот без размислување беше одбиен. Понудата пристигна од Франција“.
Сепак, од таборот на ПСЖ посочуваат дека сето ова е лага. Извори од „Паркот на Принцовите“ за Л’екип категорично негираат дека доставиле рекордна понуда, и објаснуваат дека и да сакале, не можеле да платат 250 милиони евра.
Спортскиот директор на „светците“, Луис Кампос само се распрашувал за ситуацијата на Ламин Јамал и не постоел конкретен интерес.