Работнички ги почна подоготовките за новата сезона, тимот од Дебар Маало тргнува порано бидејќи пред него се предизвиците во квалификациите од Лига Европа.
„Ние практично немавме одмор, јас не стигнав ни дома да заминам „од таа страна“. Не сме комплетни, ни недостигаат десетина фудбалери кои се дел од сениорската и од младинската репрезентација, ги очекуваме браќата Сахити да ни се приклучат во текот на денешниот ден. Бојан Најденов се јави и најави дека ќе задоцни еден ден. Официјалниот старт на подготовките е денеска, но моја желба е да се комплетираме до заминувањето за Словенија. Нема некоја филозофија, наша цел е да видиме до каде сме со формата за да се подготвиме што подобро за европските купови. На 19 јуни е ждрепката кога ќе го дознаеме противникот, по што многу ќе можеме да говориме многу поконкретно. Верувам дека максимално подготвени ќе влеземе во тие натпревари и ќе го оправдаме името Работнички и традицијата на успешни настапии на овој клуб во Европа“ – истакнува Треневски за клупскиот сајт.
„Немаме премногу време за некои базични подготовки и затоа ќе се фокусираме само на воигрување. Од тие причини инсистирам само на две контролни средби додека сме во Словенија, за да влеземе во натпреварувачки ритам пред почетокот на европската авантура. Заминуваме во база што му е позната на овој клуб, ќе имаме добри услови за работа и се надевам дека колку што околностите ќе дозволуваат, ние ќе бидеме подготвени за првиот европски меч. Целта е да не се повтори ланскиот неуспех и раната елиминација од Будуќност. Ние нашата цел ја остваривме со самиот излез во Европа, и тоа со олеснет буџет. Што понатаму ќе зависи од многу работи, ќе зборувам поконкретно кога ќе го дознаеме името на противникот. Во секој случај, целта е да се помине најмалку едно коло во Европа“.
Денеска беше пормовирано и новото засилување, се работи за 19-годишниот Енис Дервиши кој досега играше за Шкендија.
Дервиши настапува на позицијата десен бек. Тој е второ засилување за Работнички во летниот преоден рок, претходно клубот го договори офанзивниот играч на Ренова, Стојанче Велинов.