Јунајтед со пресврт конечно се израдува, Баерн го доби дербито во Мадрид, ПСЖ се прошета во Шпанија! (ВИДЕО)

by Стефан
2 минути читање

Возбудувања и голови донесе и вечерашната програма од четвртото коло во Лигата на шампионите. Во дербито на вечерта, Баерн Минхен славеше на гостувањето кај Атлетико Мадрид со 2-0, додека Манчестер јунајтед приреди вистинска фудбалска драма на „Олд Трафорд“, совладувајќи ја Рома со 3-2 по негатива од два гола.

Баварците уште еднаш ја потврдија својата сила на европската сцена. Иако првото полувреме заврши без голови, Баерн беше подобриот противник и создаде неколку сериозни можности. Отпорот на домаќините конечно беше скршен во 54. минута, кога Карл ја затресе мрежата за водство од 1-0. Конечниот резултат го постави Лајмер, кој по одличната асистенција на Хари Кејн погоди за сигурни 2-0 и голема гостинска победа.

Вистински спектакл, пак, се случуваше во Манчестер. Рома имаше предност од 2-0 на полувремето и изгледаше дека е на добар пат да го изненади англискиот гигант. Суле во 11. минута го отвори резултатот, а само шест минути подоцна Мален беше прецизен од белата точка, откако Далот играше со рака во сопствениот шеснаесетник. Италијанците имаа можности и за поубедливо водство, но пропуштените шанси скапо ги чинеа во продолжението.

По паузата на теренот се појави сосема поинаков Манчестер јунајтед. Домаќините ја презедоа иницијативата, а Рома се повлече обидувајќи се да ја зачува предноста. Таквиот пристап на гостите беше казнет во 58. минута, кога Фернандеш од пенал намали на 2-1. Само една минута подоцна, Мбуемо имаше неверојатна можност за израмнување, но топката по неговиот удар ги погоди двете стативи и не заврши во мрежата.

Сепак, „црвените ѓаволи“ не се откажаа, а главната улога во големиот пресврт ја имаше Куња. Во период од само три минути, поточно во 83. и 86. минута, постигна два гола и донесе целосен пресврт за огромна радост на домашните навивачи. Во финишот Куња заработи втор жолт картон и предвреме го напушти теренот, па Манчестер јунајтед мораше да ја брани предноста со играч помалку. Рома имаше четири минути да се обиде да стигне до израмнување, но немаше доволно време за нов гол.

Оваа победа има и дополнителна тежина за Јунајтед, бидејќи со неа беше прекината негативната серија од девет натпревари без триумф во сите натпреварувања.

На останатите терени, европскиот шампион ПСЖ демонстрираше моќ и го декласираше Виљареал на гостински терен со убедливи 6-0. Барселона беше сигурна пред своите навивачи и славеше со 3-0 против Астон Вила, додека Интер со идентичен резултат го совлада Феенорд во Холандија.

Единствениот натпревар на вечерта без голови беше дуелот меѓу Бодо и Лил, кој заврши со почетните 0-0.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×