По неодамнешната трагична смрт на шпанскиот фудбалер Хесус де Мигел, фудбалскиот свет го погоди уште една тажна вест, овојпат од Франција. На само 22 години почина Ванис Хонсор, фудбалер на Сент Дени, кој утрово го загубил животот за време на тренингот на својот тим на островот Реинион, француска прекуморска територија.
Според информациите, младиот фудбалер доживеал срцев удар за време на подготовките за следниот натпревар. Откако му се слошило на теренот, веднаш интервенирала медицинската екипа, која цели 45 минути се обидувала да го реанимира, но за жал не успеала да му го спаси животот.
По трагичниот настан, од тимот на Сент Дени се огласија со емотивна порака, изразувајќи сочувство до семејството, пријателите и најблиските на починатиот фудбалер.
„Во овие болни моменти, нашите мисли се особено со неговото семејство, најблиските и пријателите. Им изразуваме најискрено сочувство и им ја даваме целосната поддршка. Почивај во мир, Ванис. Засекогаш ќе останеш во нашите мисли и срца“, порачаа од Сент Дени ФК.
Од него се прости и неговиот поранешен клуб Руан, кој исто така ја потврди тажната вест преку објава на социјалните мрежи.
„ФК Руан 1899 утрово со голема тага ја прими веста за ненадејната смрт на Ванис Хонсор, кој доживеал срцев удар за време на тренинг со својот клуб Сент Дени ФК“, се наведува во објавата.
Хонсор е роден на 19 ноември 2003 година во францускиот град Авр, а трагедијата се случила само осум дена пред неговиот 23-ти роденден.