Манчестер јунајтед е на продажба, а семејството Глејзер наводно е подготвено да се откаже од сопственоста на клубот за сума од околу 5,7 милијарди евра. Ова го тврди финансискиот експерт Стефан Борсон, кој изјавата ја даде во емисија на „talkSPORT“, повикувајќи се на информации од високо позиционирана личност во фудбалските кругови.
„Според информациите што ги добив од високо позиционирана личност во фудбалот, клубот е на продажба и процесот веќе е во тек“, изјави Борсон.
Сумата од околу пет милијарди фунти, како што појасни тој, се темели на последната процена на вредноста на клубот. Водителот на емисијата, Џим Вајт, додаде дека и во „talkSPORT“ располагаат со информации дека Манчестер јунајтед е на продажба и дека Глејзери се подготвени да разгледаат понуди.
Според Борсон, сопствениците овојпат не сакаат јавно да објават дека го продаваат клубот, бидејќи претходниот процес не заврши според нивните очекувања. Англиските медиуми пишуваат и дека интерес за купување на клубот постои од Блискиот Исток.
Сепак, од Манчестер јунајтед, семејството Глејзер и компанијата ИНЕОС на Џим Ретклиф засега нема потврда дека е започната постапка за продажба.
Глејзери се мнозински сопственици на клубот од 2005 година, додека Ретклиф на почетокот на 2024 година стана малцински акционер, преземајќи ја контролата врз спортскиот сектор на клубот. Незадоволството на навивачите од актуелните сопственици продолжува, па така и изминатиот викенд беа организирани протести против семејството Глејзер. Трибината „Стретфорд Енд“ беше обоена во зелено-жолти бои, кои се симбол на отпорот кон американските сопственици.
Да потсетиме, Глејзери уште во ноември 2022 година објавија дека ја разгледуваат можноста за продажба на клубот. Процесот, сепак, заврши со влезот на Џим Ретклиф во сопственичката структура и неговото преземање на 25 отсто од акциите на Манчестер јунајтед.