Усман Дембеле го продолжи јавното вербално препукување со капитенот на својата репрезентација, Килијан Мбапе, кое трае веќе некое време. Зинедин Зидан ќе има проблем со своите две најголеми ѕвезди.
На прашањето кого го смета за најдобар фудбалер на светот, Дембеле одговори: „Квича Кварацхелија е најдобар на светот. Би бил воодушевен доколку Квара ја освои Златната топка, бидејќи тој тоа го заслужува.“
Француските новинари и фудбалски вљубеници се согласуваат дека ова е нова порака од Дембеле за Мбапе, без директно да го спомне.
Сè започна со интервју на Мбапе.
„Дембеле? Секогаш се сметаше дека е талентиран играч. Јас, од друга страна, секогаш бев гледан како избраниот. Многу рано стигнав до врвот. Усман имаше поинаков пат, обележан со повреди, но успеа да се врати.“
Токму изразот „избраниот“ стана проблем. По победата на ПСЖ против Брест, Дембеле беше прашан за трката за Златната топка. Неговиот одговор очигледно беше алузија на зборовите на Мбапе: „Знаете, јас секогаш бев на крајот од училницата, работев напорно. Во текот на целата кариера не зборував ништо, туку работев неверојатно многу. Како што реков, никогаш не бев избраниот. Но, работев неверојатно многу.“
Ова го пренесоа француските медиуми, а „Л’Екип“ и „РМЦ Спорт“ наведуваат дека одговорот на Дембеле предизвикал реакција во опкружувањето на Мбапе. Коментаторот и поранешен репрезентативец Жером Ротен предупредува дека ситуацијата би можела да доведе до раскол во репрезентацијата, која од неодамна ја предводи Зинедин Зидан.
„Ми кажуваат дека многумина репрезентативци повторно не ги разбираат неговите изјави. Повеќе се на страната на Дембеле отколку на Мбапе. Иако станува збор за иста екипа, се чини дека се создадоа два табора. Баш ме интересира како ќе изгледа ракувањето меѓу Усман Дембеле и Килијан Мбапе на следниот собир на репрезентацијата. Мислам дека ќе биде исклучително напнато“, истакна Ротен.
„Многу играчи на Франција имаат проблем со однесувањето и изјавите на Мбапе. Дел од соблекувалната на француската репрезентација ги толкува зборовите на Мбапе како омаловажување на останатите членови на тимот. „Впечатокот што се стекна на Светското првенство денес е уште појасен. Многу играчи имаа проблеми со однесувањето и изјавите на Мбапе, тоа е факт. Сврте многумина против себе во репрезентацијата. Светското првенство заврши како што заврши, а кога сте најдобар стрелец и се однесувате примерно, како што правеше Килијан тогаш, критиките во тимот стивнуваат. Меѓутоа, ваквите изјави сега ќе му наштетат“, објасни Ротен.