Тренерот на Манчестер Сити, Енцо Мареска изрази незадоволство што огромно внимание се посвети на контроверзниот гол на Ерлинг Халанд со кој „граѓаните“ стигнаа до победа од 0-1 на „Олд Трафорд“.
Манчестер Сити во неделата славеше против Манчестер јунајтед во големото градско дерби, но триумфот остана во сенка на контроверзната одлука на ВАР да го признае голот на Ерлинг Халанд.
Судиското тело „Про Реф“ подоцна призна дека била направена грешка, односно дека требало да се санкционира тоа што Енцо Фернандез од офсајд позиција имал намера да игра со топката и со тоа влијаел врз дефанзивецот и голманот на Манчестер јунајтед.
„Ѓаволите“ веднаш добија извинување, а првиот човек на судиите, Хауард Веб вчера јавно изрази жалење поради начинот на кој била донесена одлуката во ВАР собата.
Но сето ова не му се допадна на Енцо Мареска, кој сега потсети дека и тие биле жртва на слична одлука, односно на дербито против Манчестер јунајтед во 2023 година, тогаш Рашфорд тргна по топката од офсајд позиција, но во последен момент застана и остави Бруно Фернандеш да ја продолжи акцијата и да стрела за 1-1.
„Пред три години, кога бев тука (како асистент на Пеп Гвардиола), истото се случи против Манчестер јунајтед. Голот не беше регуларен, ако се сеќавате. Искрено, никој не се извини. Се уште го чекаме извинувањето за тој гол“ – вели Енцо Мареска.
„Таков е фудбалот, понекогаш одлуките одат во ваша корист, понекогаш се против вас“.
Тренерот на Манчестер Сити исто така изрази фрустрација што дебатата околу судењето го стави во втор план одличниот настап на неговиот тим, кој повеќе од еден час играше со играч помалку.
„Да се зборува за една ситуација или еден момент по натпревар во кој игравме 70, 75 минути со 10 играчи, мислам дека не… не знам кој е вистинскиот збор, но мислам дека е прилично лошо. Партијата што ја прикажавме во второто полувреме беше неверојатна!“
ФОТО: X/Manchester City