Една од најголемите ѕвезди на бразилската репрезентација, Винисиус не можеше да ги задржи емоциите за време на гостување на бразилска телевизија во текот на Светското првенство, откако му беше пуштена видео-порака од неговата баба Дона Нилзе.
Фудбалерот на Реал Мадрид е исклучително поврзан со својата баба, која со трогателни зборови се присети на неговото детство.
„Беше срамежливо момче. Спиеше покрај мене сè до својата 16. година. Вини, нека Богородица од Апаресида секогаш те чува. Те сака твојата баба, многу, многу, многу“, порача Нилзе.
Нејзините зборови го погодија Винисиус, кој низ солзи се обиде да објасни колку таа значи во неговиот живот.
„Мојата баба е една од најважните личности во мојот живот. Секогаш правеше сè за мене. Живеевме во многу мала куќа, па затоа спиев покрај неа. Навистина немам зборови со кои можам да ја опишам“, изјави бразилскиот ас.
Винисиус игра во одлична форма на Светското првенство. Во групната фаза постигна погодок на сите три натпревари, двапати стрелаше во победата од 3-0 над Шкотска, против Хаити запиша гол и асистенција во триумфот исто така од 3-0, а погоди и во ремито 1-1 против Мароко.
Бразил вечерва од 19 часот ќе се соочи со Јапонија во осминафиналето на Светското првенство, со цел да обезбеди место меѓу осумте најдобри селекции на турнирот.
🚨VEJA: Vini Jr. se emociona com recado de sua avó: "passei até os 16 anos morando com ela". #Domingão pic.twitter.com/R1OJuIqGHY
— CHOQUEI (@choquei) June 28, 2026