Франција со максимални девет бода ја заврши групната фаза на Светското првенство и се наметна како еден од главните кандидати за титулата. Истото го смета и легендарниот Златан Ибрахимовиќ, кој на Мундијалот работи како стручен аналитичар за американската телевизија „Фокс Спортс“.
Избраниците на Дидие Дешан ги совладаа Сенегал (3-1), Ирак (3-0) и Норвешка (4-1), а во последниот натпревар Усман Дембеле постигна хет трик.
„Франција е друг свет, нешто сосема друго. Кога играат, кога се внатре, не гледам никого кој може да им парира. Единствената шанса за противниците против нив е Французите можеби да се опуштат и малку да залутаат. Тие се главните фаворити.
Секако, сѐ може да се случи бидејќи почнува нокаут фазата и не треба да бидат полни со себе. Но, ако ги погледнеме овие три натпревари, никој нема таква ширина како тие. Тоа е комплетен тим и мислам дека сѐ зависи од нив. Ако сакаат да освојат и ако продолжат да играат вака, тогаш ќе станат светски шампиони.
Не е лесно да се состави тим со толку многу ѕвезди за сѐ да функционира, а нив е уживање да се гледаат. Сите одлично соработуваат едни со други и навистина се фантастични. Застрашувачки се“, изјави Ибрахимовиќ.
Поранешниот шведски репрезентативец ја заврши играчката кариера во 2023 година по заминувањето од Милан, а Светското првенство во САД, Канада и Мексико е негово прво во улога на телевизиски аналитичар.