Фудбалската икона Роналдињо повторно ќе се појави на терените, откако италијанскиот третолигаш Равена официјално го претстави како свое ново засилување.
Легендарниот Бразилец, кој има 46 години, повеќе од десет години беше надвор од професионалниот фудбал, но сега реши да ја прекине пензијата и повторно да ги облече копачките. По потпишувањето на договорот, Роналдињо не ја криеше возбудата што повторно ќе биде дел од натпреварувачкиот фудбал.
„Едвај чекам повторно да танцувам со топката. Фудбалот секогаш ми носел радост, а возбуден сум што тој дух ќе го донесам и во Равена. Нека започне магијата“, изјави славниот Бразилец.
Равена се натпреварува во Серија Ц, а клубот е во сопственост на Ињацио Чипријани, кој откри дека токму Роналдињо бил неговиот најголем фудбалски идол.
„Роналдињо беше мој идол додека растев. Се надевам дека неговото присуство ќе инспирира нова генерација навивачи да се вљубат во Равена“, порача Чипријани.
Роналдињо последен професионален натпревар одигра во 2015 година во дресот на Флуминенсе. Во богатата кариера ја освои светската титула со Бразил во 2002 година, а три години подоцна ја доби и „Златната топка“. Најголемите клупски успеси ги оствари настапувајќи за Барселона и Милан, каде остави неизбришлива трага.