Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина му обезбеди дополнителни приходи на националниот сојуз со историскиот пласман во нокаут-фазата на Светското првенство.
Самото учество на Мундијалот на Босна и Херцеговина ѝ донесе девет милиони долари, а со обезбедениот пласман меѓу најдобрите селекции следува и нова финансиска награда.
Благодарение на победата од 3:1 против Катар во Сиетл, во касата на Сојузот ќе се слеат дополнителни два милиони долари.
Речиси сигурен противник на Босна и Херцеговина во првото коло од нокаут-фазата ќе биде селекцијата на САД, една од земјите домаќини на шампионатот. Тоа ќе биде голем предизвик за избраниците на Сергеј Барбарез, но и нова можност за историски успех и дополнителна заработка. Доколку „змејовите“ се пласираат понатаму, ќе инкасираат уште три милиони евра.
Босна и Херцеговина групната фаза ја заврши со четири освоени бода, победа над Катар, реми против Канада и пораз од Швајцарија.
Вкупниот награден фонд на Светското првенство изнесува околу 766 милиони евра. Од таа сума, 590 милиони евра се наменети за награди според пласманот на репрезентациите, додека 176 милиони евра ќе бидат распределени меѓу сите учесници без оглед на резултатите.