По освоениот Куп на Македонија од страна на пионерите на Вардар, кои претходно ја совладаа Македонија Ѓорче Петров со 3-0, истиот успех подоцна го повторија и помладите пионери на „црвено-црните“, кои беа убедливи во финалето против Пелистер со 4-0.
Младите надежи на Вардар одиграа одличен натпревар и сосема заслужено се закитија со трофејот, а главна фигура на мечот беше Огнен Јаков, кој постигна хет-трик.
Тој го отвори резултатот по околу 20 минути игра, а само десет минути подоцна го постигна и својот втор погодок на средбата. Во 36. минута Вардар доби можност од пенал, но Јован Пашовски не успеа да реализира откако голманот Огнен Божиновски го одбрани ударот.
Во второто полувреме Вардар продолжи со сигурна игра и ја потврди победата. Никола Јанкулоски се запиша меѓу стрелците за 3-0, а конечниот резултат го постави Јаков со својот трет гол.
Утре Вардар го очекува нов предзивик, бидејќи за трофеј ќе се борат и кадетите, кои од 10:00 часот ќе играат против Пелистер исто така во куп-финалето. Од 16:30 часот, пак, на програмата е младинското финале помеѓу Брера и Шкупи.