Тренерот на норвешкиот шампион Бодо/Глимт, Кјетил Кнутсен, не дозволи еуфоријата да го понесе по триумфот од 3-1 над Интер во Лигата на шампионите. Иако неговиот тим направи голем чекор кон пласман, стратегот остана самокритичен и реален во оценката на настапот.
Кнутсен призна дека резултатот изгледа моќно, но дека играта не била на нивото на кое знае да биде Бодо/Глимт. Според него, пресудна била ефикасноста и способноста да се искористат шансите, а во одредени моменти и среќата била на нивна страна.
„Имавме и доза среќа. Бевме исклучително конкретни пред голот, но генерално ова беше просечен натпревар за нас. Резултатот е одличен, изведбата, не толку“, искрено посочи норвешкиот тренер.
Тој веќе размислува за реваншот во Милано, потенцирајќи дека неговиот тим не смее да се затвори и да чува предност по секоја цена. Наместо дефанзивен пристап, Кнутсен најави храбра игра со различни тактички варијанти.
„Не можеме само да се повлечеме и да чекаме контранапади. Мора да ја контролираме играта, да напаѓаме кога ќе се укаже можност и паметно да се браниме. Ќе биде исклучително тежок натпревар“, порача Кнутсен.