Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ се осврна на шокантната елиминација од Купот на кралот против второлигашот Албасете. Мијатовиќ ја анализираше моменталната состојба во тимот и посочи дека главниот проблем не е ниту тренерот, ниту раководството, туку самите фудбалери.
„За три дена Реал Мадрид загуби две титули и тренер. Овој натпревар дојде по поразот од Барселона во Суперкупот. Се менува тренер, играчите помислуваат дека играат против инфериорен ривал и дека натпреварот ќе се добие сам по себе и ете што се случува. Во ваква ситуација, единствените луѓе кои можат да го сменат правецот не се ниту тренерот, ниту претседателот на клубот. Тоа се играчите. Нема друг начин“, изјави Мијатовиќ.
Тој посебно го потенцираше недостатокот на лидери во соблекувалната и искуството кое му недостига на актуелниот состав.
„Ќе бев многу посмирен ако во соблекувалната ги имаше Крос, Модриќ, Рамос, лидери, стара гарда која во одреден момент би можела да ги собере младите играчи и да се обиде да ја сврти ситуацијата. Во моментов тимот нема јасен водач, без разлика на мислењата на Чаби или Арбелоа. На секој натпревар на кој Мадрид остави ваков впечаток, ја почувствував отсутноста на таква фигура. Ако не ја пронајдат, ќе имаме сериозни проблеми“, предупреди Мијатовиќ.