Интер вечерва го пречекува Милан во лутото дерби на Милано, а натпреварот ќе постави нов рекорд во Серија А, „нероаѕурите“ ќе инкасираат над 8 милиони евра од продажба на билети.
Популарното „Дерби дела Мадонина“ продолжува да ги поместува границите, како што пренесуваат медиумите од Италија, вечерашниот натпревар на „Меаца“ ќе донесе нов рекорд во Серија А кога се во прашање продажбата на билети.
Се очекува „нероаѕурите“ да инкасираат над 8 милиони евра, со што ќе се надмине претходниот најдобар резултат од околу 7,6 милиони евра, кој беше поставен на дербито што се одигра во септември минатата година.
Пресметката помеѓу Интер и Милан ќе се пренесува во преку 200 земји од страна на 30 телевизиски куќи, а на стадионот ќе работат 250 акредитирани новинари и 50 фоторепортери.
Во свечената ложа ќе има многу легенди на двата клуба, а за храната во ВИП делот ќе е погрижи Кико Череа, светски познат шеф со мишелин ѕвезда.