Денеска со почеток од 17 часот Башкими го пречекува Тиквеш во меч од третото коло во Првата македонска фудбалска лига.
Башкими добро ја стартуваше новата сезона, по две одиграни кола собра четири бода, Тиквеш има само еден бода од ремито со Работнички во првото коло.
Голманот на Башкими, Амир Јашар има почит за Тиквеш но вели дека тие ќе ги освојат бодовите.
„Играме против Тиквеш, екипа која, најискрено, се засили најмногу во овој преоден рок. Квалитетен тим. Ќе биде тежок натпревар и за нас и за нив. Ние ја имаме поддршката од навивачите, но и од градот. Имаме квалитетна екипа и тоа го покажавме на стадионот ‘Тодор Проески’ против Работнички. Очекуваме дека ќе ги освоиме бодовите и ќе атакуваме на првите три места кои водат во Европа“, рече Јашар за сајтот на ФФМ.
Но, таква е пресметката и на кавадарчани, Дарко Илиевски од Тиквеш смета дека денеска тие ќе ги однесат бодовите.
„На стартот на шампионатот можевме многу подобро. Испуштивме бодови во првите две кола и тоа е нешто за што може да жалиме. Сепак, не смееме премногу да размислува за минатото. Имаме квалитетен тим, кој може да конкурира за горните позиции на табелата. Денеска не очекува тежок натпревар со квалитетен противник, но убеден сум дека сè е во наши раце. Имавме доволно време да се подготвиме, знаеме што не очекува. Сепак, верувам дека можеме да дојдеме до победа и со три бода да се вратиме од Куманово“, изјави Дарко Илиески.