Рекорд во Премиер лигата: Никогаш претходно не се потрошиле повеќе пари

by Стефан
1 минути читање

По трансферот на Ноа Окафор од Милан во редовите на Лидс за 18 милиони фунти, вкупната потрошувачка на клубовите од англиската Премиер лига ова лето достигна нов историски рекорд од 2,37 милијарди фунти, објави „Би-Би-Си“.

Со оваа бројка е надминат и минатогодишниот рекорд од 2,36 милијарди фунти, поставен во 2023 година. Дури шест клуба го срушија сопствениот рекорд за најскап трансфер.

Брентфорд го доведе Буркинабецот Данга Уатара од Борнмут за 42,5 милиони фунти, додека Борнмут плати 34,6 милиони за Бафоде Дијаките.

Новите премиерлигаши Барнли и Сандерленд исто така не штедеа, Барнли плати 25 милиони фунти за Лесли Угочукву, а Сандерленд 26 милиони за Хабиб Ѓару (со бонуси трансферот може да достигне и 30 милиони фунти).

Нотингем Форест двапати го сруши сопствениот рекорд, прво со ангажманот на Дан Ндоје од Болоња, а потоа и со трансферот на Омари Хачинсон од Ипсвич, за кого плати 37,5 милиони фунти.

Најголем трансфер ова лето го направи Ливерпул, кој уште во јуни плати 100 милиони фунти за Флоријан Вирц од Баер Леверкузен. Доколку се активираат сите бонуси, трансферот би достигнал 116 милиони фунти што би бил нов британски рекорд, надминувајќи го оној на Челси кој во 2023 година плати 107 милиони фунти за Енцо Фернандез.

До крајот на преодниот рок остануваат уште десет дена, па така сигурно и вкупната бројка во наредниот период ќе се зголеми.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×