Манчестер јунајтед синоќа се пофали со новите реновирани објекти во тренинг центарот, откако беа инвестирани 50 милиони фунти, „ѓаволите“ сега имаат најсовремени услови за работа.
Пред неколку години, Кристијано Роналдо жестоко го критикуваше Манчестер јунајтед и инфраструктурата во тренинг центарот во Карингтон, ЦР7 се пожали дека ништо не се сменило од времето на Сер Алекс Фергусон и не гледа еволуција во клубот.
Но „ѓаволите“ сега можат да се пофалат со нов ултра модерен тренинг центар, беа инвестирани 50 милиони фунти за да се реновираат објектити, па фудбалерите сега имаат најсовремени услови за работа.
Инсталирана е нова просторија со услови за висока надморска височина, со повеќе велосипеди и друга опрема, исто така може да се менуваат нивоата на температура, влажноста на воздух и други фактори. Се верува дека оваа просторија во Карингтон е една од најголемите од ваков тип во елитниот спорт.
Нов лик доби и делот со базени – сауната и парната бања се проширени и подобрени, а додадени се и нови елементи, како што е мал базен со подводна трака за трчање. Оваа трака може да се подигнува и спушта до соодветна висина, со цел да им помогне на оние кои се во процес на рехабилитација по повреда.
Соблекувалната е далеку поширока и посветла од претходната, секој фудбалер во својот простор има тачскрин, преку кој може да го следи и организира својот дневен распоред и рутина.
Еден од поинтересните факти е тоа што во соблекувалната има „паметни писоари“ кои мерат дали играчот е дехидриран и потоа кажуваат колку количество течности треба да се внесат за да се врати идеалното ниво на хидратација.
Проширени и подобрени се и просториите за третмани, унапредени се и медицинските капацитети, сега се располага со магнетна резонанца, компјутерска томографија и скенер на цело тело.
Кујната и кантината изгледаат импресивно – светло, просторно и отворено.
За издвојување се и два новитети, односно просторија каде што фудбалерите ќе можат да си ги носат своите лични бербери, како и просторијата во која има Ф1 симулатор.
ФОТО: X/Manchester United