Реал Мадрид побара од челниците на Ла Лига натпреварот од првото коло против Осасуна да биде одложен. Истиот е закажан за 19 август, а според „кралевите“ тоа не е доволно време за тимот да се врати во ритам по настапот на Светското клупско првенство.
Клупската телевизија одново „удри“ по водечките лица на лигата, поточно по Хавиер Тебас за кој вели дека го мрази Реал. Тие одново претераа и дури напишаа дека наредната сезона е наместена и манипулирана.
„Барање за одложување испративме на 9 јуни бидејќи очекувавме долг настап на Светското клупско првенство, а потоа играчите добиваат одмор. Одговорот го добивме неодамна на 31 јули, а дотогаш нè игнорираа. Лигата ја затвори вратата за логиката, спортската медицина и интегритетот на првенството. Првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас е познат мразител на Реал Мадрид. Тој отворено критикуваше и кажа дека натпреварот не смее да се одложи. Ова е манипулација. Сезоната 2025/26 е манипулирана и наместена“, беше дел од прилогот на Реал Мадрид ТВ.
Последниот натпревар на Светското клупско првенство Реал го одигра на 9 јули, а единствениот подготвителен натпревар е закажан за 12 август против австриски Тирол. „Кралевите“ не се единствени кои играа на Мундијалот во САД, па нејасно е зошто тие бараат посебни привилегии и дури се лути бидејќи не ги добиваат.