Вардар ги одработува подготовките во Норчија, Италија, каде што тимот на Фабијани се подготвува за стартот на новата сезона и настапот во квалификациите за Лигата на шампионите.
„Сите знаеме дека овој дел на подготовките е оној најтешкиот што постои во фудбалот, но ние сме професионалци, навикнати сме и на топло време и на тешки тренинзи, затоа што ни следат натпревари. Во Италија работиме по план и програма, играме и пријателски мечеви и се надевам дека се што ни следи ќе го искористиме во што е можно подобра атмосфера за она што ни следи, тоа е Лигата на шампионите и првиот меч со КуПС
Закариќ е задоволен и од фактот што најголемиот дел од шампионскиот состав остана на располагање и за новата сезона.
„Костурот на екипата која ја освои титулата остана скоро ист, тоа е добро за нас. Еден до двајца играчи не напуштија од тој ростер, дојдоа двајца нови и се вклопија добро. Се надевам дека ќе го дадат својот максимум и дека ќе си помогнеме едни на други, за заедно да направиме некои добри работи прво во европските натпревари, потоа и дома.
Осврнувајќи се на првиот европски ривал, финскиот КуПС, искусниот офанзивец порача дека станува збор за квалитетна и сериозна екипа.
КуПС е сериозна екипа која играше во Конференциска лига лани, имаа добри резултати. Имаат свои предности, но и свои маани, како и секоја екипа. Ние ќе работиме на тоа да ги изанализираме што е можно повеќе работи во полза на нас и секој поединец да го даде најдоброто од себе, со цел добри резултати на Вардар, посебно на првиот меч во Скопје. Со помош на публиката и нашите навивачи, може да дојдеме до задоволувачки резултат за реваншот во Финска. Се работи за незгоден тим, ни следи реванш на вештачка трева, па мора да сме максимално спремни и фокусирани. Сакаме да ги завршиме подготовките сите здрави, па по враќањето во Скопје, да се насочиме во целост на првиот домашен дуел“, изјави Закариќ.