Финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина донесе и едни од најскапите билети во историјата на фудбалот. За ексклузивно место веднаш покрај теренот, поединечни гости издвоиле дури еден милион долари.
Луксузниот ВИП-пакет го понуди компанијата „On Location“, специјализирана за организација на премиум спортски настани. Мал број привилегирани гледачи натпреварот го следеа од удобни сини фотелји поставени на само неколку метри од тревникот и од најголемите фудбалски ѕвезди.
Сепак, астрономската цена не значеше и совршено уживање во натпреварот. Седиштата беа поставени на сончевата страна од стадионот, па во поголемиот дел од финалето гостите беа изложени на силно сонце кое директно им удираше во очите.
За да им го олеснат престојот, организаторите како дел од ВИП-пакетот им поделија шешири за заштита од сонцето. Токму овој детал предизвика бројни реакции и потсмев на социјалните мрежи. Многумина се прашуваа како билет вреден еден милион долари може да понуди толку неповолна позиција за следење на натпреварот, додека други коментираа дека местата покрај аут-линијата всушност не обезбедуваат добар преглед на играта.
Дополнителен проблем претставуваа фотографите, камерманите и останатиот персонал покрај теренот, кои повремено го попречуваа погледот на гледачите. Дел од корисниците на социјалните мрежи се пошегуваа дека луксузните фотелји изгледаат како мебел од „Икеа“, а еден од најсподелуваните коментари гласеше:
„Ќе платиш милион долари за билет, а ќе добиеш шешир против сонце.“
Високите цени беа одлика и на останатите билети за големото финале. На препродажба, најевтините влезници чинеа неколку илјади долари, додека стандардните ВИП-пакети достигнуваа вредност од повеќе десетици илјади долари.
The view from the $1 million on-the-pitch seats sold by hospitality provider On Location for the FIFA World Cup Final at MetLife Stadium. It’s on the sunny side of the stadium, so sunhats are included. pic.twitter.com/CUhqgUQWGo
— Alex M. Silverman🏒⚽️ (@AlexMSilverman) July 19, 2026