Барселона атакува
на тројната круна оваа сезона, титулата во Шпанија им се смешка, ќе играат финале
во Купот, и секако најтешка задача ќе биде триумф во Лигата на шампионите.
„Каталонците“ вчера
со 4-1 ја совладаа Рома и со една нога веќе се помеѓу четирите најдобри во најелитното
европско натпреварување, но за титулата во Европа, Ернесто Валверде ќе треба
сериозно да поработи на реализацијата.
Клубот од Камп
Ноу има постигнато 17 погодоци на девет натпревари, но загрижува фактот што
вториот стрелец им се вика „автогол“.
Освен Лео Меси,
кој има постигнато шест погодоци, другите играчи не се премногу расположени.
Луис Суарез вчера го постигна првиот погодок во Лигата на шампионите по март 2017, а по еден гол
имаат уште и Алкасер, Дембеле, Ракитиќ, Пике и Дињ.
Противниците на
Барселона дури пет пати си ја тресеа сопствената мрежа, на вчерашниот дуел со
Рома тоа се случи во два наврати. Најпрво Де Роси си постигна ефектен автогол,
а потоа и Манолас го матираше сопствениот голман.
Претходно, Коатес
и Матју си постигнаа автогол на двата дуели помеѓу Барселона и Спортинг во
групната фаза, а истото го стори и Николау од Олимпијакос.