Поранешиот француски шампион Бордо ќе избегне згаснување, откако спасот преку конзорциумот „Парк Бенч“ пристигна во последен момент.
Шесткратниот шампион на Франција ги минува најтешките денови од своето основање. Клубот испадна во аматерскиот фудбал и се најде на работ на згаснување поради финансиските проблеми предизвикани од лошото управување на сопственикот Жерар Лопез.
Кога се чинеше дека ситуацијата е безизлезна, англиската инвестициска компанија „Парк Бенч“ договори преземање на клубот. Договорот меѓу „Парк Бенч“ и Жерар Лопез е објавен во Трговскиот суд.
На почетокот на септември, клубот кој во последните сезони бележеше пад во пониските дивизии, беше исфрлен од француските национални лиги. И повторниот почеток во Регионалната лига 1 изгледаше малку веројатен, бидејќи клубот се бореше само за опстанок. Беа барани купувачи, а неколку зделки беа блиску до реализација, но ниту една не беше финализирана.
Сепак, сега спасот пристигна во последен момент. Англискиот инвестициски фонд договори купување на Бордо од Жерар Лопез за симболичен износ од едно евро.
Клубот има огромни финансиски долгови. Според договорот, тие би требало да бидат исплатени во период од 12 години, наместо за 10. Вредноста на долгот, исто така, би се намалила од 26 на 13 милиони евра. Како дел од договорот, Лопез ќе се откаже од своите побарувања.
Бордо инаку е еден од гигантите на францускиот фудбал. Шест пати беше шампион на Франција, а последен пат во 2009 година, со исклучително интересен состав во кој настапуваа Јоан Гуркуф, Јоан Гуфран, Маруан Шамак, Диего Пласенте, Алу Дијара, Дејвид Белион…